Сите детали: Граѓаните преку буџетот ќе плаќаат милиони на политичките партии

Share

Без многу помпа и по скратена постапка Собранието ги усвои измените на законот за финансирање на политичките партии со кој драстично се зголемува износот на средства што од буџетот секоја година ќе им се исплаќаат на политичките партии.

Со измените вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии наместо досегашните 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија ќе изнесуваат 0,15% од буџетските приходи.

Ако се земе предвид дека македонскиот буџет е во континуиран пораст и надмина три милијарди евра тоа значи дека на партиите секоја година ќе добиваат се повеќе средства или наместо досегашните околу 2 милиони евра ќе добиваат приближно 5 милиони евра.

За на читателите да им стане појасно за какви измени станува збор во целост Ви ги пренесуваме законсите измени:

Член 1

Во Законот за финансирање на политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” број 76/2004, 86/2008, 161/2008, 96/2009, 148/11, 142/12 и 23/13), во членот 6 по зборовите: „ деловен простор“ се додава зборот „земјиште“.

Член 2

Во членот 9 став 1 процентот „0,06%“ се заменува со процентот „0,15%“.

Член 3

Во членот 13 став 1 по алинеја 1, се додава нова алинеја 2, која гласи: „- кредит,“ .

Член 4

Во член 16 став 1 бројот „150“ се заменува со бројот „60“, а бројот „75“ се заменува со бројот „30“.

Член 5

Во член 19 став 2 алинеја 2 зборот „просториите“ се заменува со зборовите „движен и недвижен имот“.

Член 6

Во член 26 по ставот 1 се додаваат пет нови ставови кои гласат: „Политичките партии може да имаат само една жиро-сметка. Во случај политичката партија своето финансирање да го врши и преку обезбедување на средства од кредит од комерцијални банки, покрај основната жиро сметка на партијата, политичката партија може да има и уште една посебна жиро сметка за средствата обезбедени преку кредит.

Политичката партија има право да врши пренос на средства помеѓу своите сметки. Партиско истражувачко – аналитички центар на политичка партија има посебна сметка.

Во случаите од ставовите 2, 3, 4 и 5 од овој член, политичките партии се должни да достават финансиски извештај за материјално-финансиското работење на партијата.

Ставот 2 се брише. Ставот 3 станува став 7.

Член 7

Во член 27 став 1 втората реченица се менува и гласи: „Извештајот го содржи финансиското работење на сметката односно сметките на политичката партија.“ Во ставот 2 алинеја 1 по зборот „дотации“ се додаваат зборовите: „спонзорство, кредит,“.

Член 8

Министерот за правда во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон ќе донесе решение за измена на решението од член 10 став 3 од Законот за финансирање на политичките партии за 2018 година, заради усогласување со одредбите од член 2 од овој закон. Средствата од ставот 1 на овој член ќе бидат исплатени согласно буџетските можности, но не подоцна од 1 март 2019 година.

ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ШТО СЕ МЕНУВААТ И ДОПОЛНУВААТ

Член 6

Политичките партии имаат право на сопственост на деловен простор, опрема, канцелариски материјал, превозни средства и друг движен имот потребен за остварување на целите и вршење на активностите утврдени со статутот на партијата и со закон.

Член 9

Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија. Средствата од ставот 1 на овој член во утврдениот износ се планираат во буџетот на Министерството за правда за секоја фискална година. Средствата од ставот 1 на овој член политичките партии можат да ги користат исклучиво за остварување на своите цели утврдени со закон, статут и други акти на партијата.

Член 13

Приватни извори на финансирање на политичките партии се: - членарина, - донации, подароци, прилози, дотации, спонзорства (во натамошниот текст: донации), - легати, - продажба на промотивен и пропаганден материјал и - сопствени приходи согласно со овој закон.

Член 16

Вкупниот износ на поединечната донација не смее да ја надмине сумата од 150 просечни нето плати од правни лица и 75 просечни нето плати од физички лица во Републиката, исплатени во претходниот месец и објавени од Државниот завод за статистика. Овој износ не смее да биде кумулиран повеќе од еднаш годишно.

Ако висината на донацијата е поголема од износот утврден во ставот 1 на овој член, политичката партија не смее да ја користи и е должна веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на добивањето на донацијата, разликата меѓу дозволената и донираната вредност да ја врати на донаторот.

Ако не може да се утврди потеклото на донацијата, политичката партија е должна веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на добивањето на донацијата, донираната вредност да ја префрли на Буџетот на Република Македонија.

Член 19

Политичките партии не можат да вршат стопанска дејност. Политичките партии не можат да стекнуваат други видови приход, освен следниве: - камата на депозит депониран во банка, - закупнина, односно издавање под закуп на просториите на партијата, - приходи од продажба на печатени, аудиовизуелни и дигитални изданија и пропагандни материјали и други публикации на кои е ставено името или некоја од ознаките на политичката партија, како и приходи од авторски права и - приходи од продажба на билети за присуство на манифестации организирани за партиски цели, при што на билетите мора да е ставено името или некоја од ознаките на политичката партија.

Приходите од ставот 2 на овој член политичките партии ги користат исклучиво за вршење на активностите согласно со законот и актите на партијата. Приходите од ставот 2 на овој член, политичките партии не смеат да ги користат со цел остварување на профит.

Член 26

Надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии го врши Државниот завод за ревизија согласно со закон и се спроведува секоја календарска година за претходната година. Политичките партии може да имаат само една жиро-сметка, а нивните локални ограноци и партиско истражувачко-аналитички центар можат да имаат и потсметки, но тие се должни во случај на постоење на истите да доставуваат консолидирани - збирни финансиски извештаи.

Годишната сметка за финансиското работење, согласно со законските прописи, политичките партии ја доставуваат до: Управата за јавни приходи, Централниот регистар и Државниот завод за ревизија, а се должни да ги објават на своите веб страници.

Член 27

Политичките партии, најдоцна до 31 март изготвуваат годишен финансиски извештај за претходната година согласно со закон. Извештајот го содржи финансиското работење на сметката на политичката партија, како и потсметките на локалните ограноци и потсметката на партиско истражувачко-аналитичкиот центар на партијата.

Годишниот финансиски извештај содржи податоци и за: - вкупните приходи во кој влегуваат податоците за вкупен износ на донации, подароци, прилози, дотации, пари, материјални средства, опрема, услуги, сопствени приходи, членарина, легати и друго и - вкупните раскоди. Годишниот финансиски извештај во рокот утврден во ставот 1 на овој член се доставува до Државниот завод за ревизија.

Државниот завод за ревизија доколку утврди неправилности во годишниот финансиски извештај на политичката партија кои се спротивни на одредбите на овој закон поднесува барање за поведување на прекршочна постапка или пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од 30 дена од денот на утврдувањето на неправилностите.

Образецот, формата, содржината и начинот на водењето на финансискиот извештај ги пропишува министерот за финансии. Составен дел на образецот од ставот 5 на овој член е Упатството за начинот на пополнување на годишниот финансиски извештај. Министерството за финансии најмалку еднаш годишно спроведува обуки на политичките партии за материјално-финансиското работење и начинот на пополнување на финансискиот извештај.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Поврзани вести

Детален преглед: Каде скрати пари Владата за да најде 3,4 милиони евра за референдумот?

Собранието на Република Македонија јаусвои одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите со кои кај Државна изборна комисија, се отвара нова потпрограма - референдум во износ од 210.400.000 денари (околу 3,4 милиони евра).

 

Најчитани вести

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

20 регионални телевизии лани оствариле приходи од 102,38 милиони денари

Во текот на 2017 година програма на регионално ниво емитуваа вкупно 26 телевизии. Во анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги анализирани се податоците за економското работење

ВРВ